Кил му врати на Порто „мило за драго“ со гол во финишот (ВИДЕО)

Изминатиот викенд Порто го направи најголемото изненадување во ракометната Лига на шампиони славејќи на гости кај Кил со гол во последната секунда, а денеска во „реваншот“ во Португалија дојде редот германскиот тим да ја врати „услугата“. 

Кил славеше победа од 30-29 кај Порто и тоа со гол во последните секунди од натпреварот, што се одигра во рамки на 8.коло во Групата А. Стрелец на победничкиот гол за бундеслигашот беше Харалд Рајнкинд на точно четири секунди до крајот со кој го врати својот тим на побендичките патеки.

Порто водеше во најголем дел од натпреварот, а на полувремето беше 16-14. Во вториот дел домашниот тим имаше и највисоки +4 (23-19), а во финишот влезе со водство од 29-27. Следуваше серија од 3-0 за гостите, а Рајнкинд во последните секунди донесе голема и драматична победа за Кил. 

Магнус Ландин со девет голови најефикасен кај Кил, додека Рајнкинд натпреварот го заврши со осум погодоци. Кај Порто најмногу се истакна Виктор Итуириза Алварез со шест голови. 

НА ОСТАНАТИТЕ ДЕНЕШНИ НАТПРЕВАРИ

ГРУПА Ц
Татран - Спортинг 22-37

ГРУПА Д
Кристијанштад - Динамо Б. 29-29