Капата долу за тренерот на Мешков: Добар Вардар е добра вест за ракометот!

Мешков Брест дојде во Скопје со намера да ја продолжи победничката серија во дуелите со Вардар, која изнесуваше три едноподруго, но наместо тоа наиде на една мотивирана и незапирлива екипа, па Даниел Гордо го призна поразот.

Шпанскиот тренер, кој летово дојде на клупата на Мешков кажа дека го анализирале Вардар уште кога требаше да играат полуфинале во СЕХА-лигата, пред Загреб да му го „украде“ местото на Вардар, но и тогаш не видел ваква сила и вака воиграна екипа. Го призна поразот и рече дека добар Вардар е добра вест за ракометот.

„Честитки за Вардар, бидејќи одигра одличен меч. Мислам дека ова е досега нивниот најдобар натпревар, бидејќи досега ги гледавме сите нивни. Се надевавме дека Вардар ќе ни биде ривал во СЕХА, но тоа беше друга историја. Вардар едноставно имаше добар ден, играа пред одлична атмосфера и ова е добра вест за Вардар и за ракометот. Секако дека ние не сме задоволни, почнавме лошо, не пополнувавме во одбраната, имавме загубени топки во нападот... Во второто полувреме се обидовме да се вратиме, се надевав дека ќе имаме шанса, но направивме лесни грешки и тоа е тоа. Имавме три меча во десет дена и можеби немавме многу ракометари кои можеа да сменат. Излегуваме со кренати глави, нашиот противник заслужи да го добие натпреварот“, изјави Гордо.

Без многу желба да говори, босанскиот интернационалец Владимир Врањеш рече дека овие 35-27 не се реална разлика меѓу двете екипи.

„Честито за Вардар на заслужената победа. Почнавме лошо, пред сè во одбраната, првото полувреме целосно го контролираа, ние стигнавме на 2-3 гола, но тука направивме некои грешки и тие се вратија во контрола на 5-6 гола. Мислам дека оваа разлика не е реална, сепак тие заслужија да победат“, изјави Врањеш.