„Јас прво би се напил едно пиво, па потоа ќе мислам за противник во Келн“

Вардар успеа да се пласира на Ф4-турнрот во Лигата на шампионите и покрај тоа што загуби од Кил со 28-27. Тимур Дибиров вели дека имале среќа, но тоа го заслужиле со напорната и успешна работа во текот на целата сезона.

Очигледна беше желбата на Кил и пожртвуваноста, но Вардар за нијанса беше доволно добар за да се одбрани и да го контролира епилогот од овој четвртфинален двомеч. Дибиров имаше голема доблест да му честита на Кил и да признае дека со помош на малку среќа успеаја да го елиминираат.

„Многу сме среќни што одиме на Ф4 втора година по ред, меѓутоа, како што предупредувавме, многу беше тешко, бидејќи Кил има многу добри играчи и големо реноме и традиција. Беше тешко до последните минути, а ние имавме денеска среќа, а како велат, среќата ги следи храбрите. Тоа е можеби затоа што целата сезона одработивме добро, го изодивме долгиот пат. Уште еднаш ќе речам, Кил е многу тежок противник, немавме пораз дома 15 месеци, а еве сега загубивме. Ова го заслуживме сите и играчите и тренерот и навивачите“, вели Дибиров, стрелец на три гола.

Сега Вардар продолжува во завршна битка за најсјајниот европски пехар, но во различна улога споредено со лани, кога беше изненадување, можеби и аутсајдер. Дибиров не се согласува дека некој ги потценил лани и вели дека сега ќе влезат на Ф4 еднакво мотивирани за победа.

„Ние имаме квалитет и одиме на секој натпревар, на секој турнир, во секој град да победиме. Лани сега утре - немаме проблем со мотивација. Ако имате респект за секоја екипа, од мала до голема, значи сте вистински работник. Сега само сакаме да уживаме во тоа шоу што ќе биде во Келн и сакаме да ја повториме сезоната. Знаете сите дека ова не е 100 отсто од тоа што го може Вардар, така што имаме време да дојдеме до ниво во кое ќе направиме нешто“, истакна Русинот.

Вардар, најверојатно, ќе биде во друштво на три француски екипи во Келн, а која од нив е желба на Вардар?

„Јас сега повеќе би се напил едно пиво отколку да замислувам кој ќе ни се падне. Сериозно...ние сме таков тим кој е подготвен за секој противник, а ракометот е таков може да загубиш од секого. Така што, ќе продолжиме овој месец да тренираме и да се подготвуваме, немаме желба“, заврши Дибиров.

Ждрепката за противниците ќе биде во вторник, во 13 часот.