ЕХФ го заборави Кире Лазаров, а вардарци - двајца во топ-5! (ВИДЕО)

Со европската титула, очекувано е да дојдат и грото од признанијата кои ги доделува ТВ-магазинот на ЕХФ, затоа и Монпелје има најмногу имиња во последното издание на изборот на најдобрите. Вардар е претставен со двајца ракометари, по еден во топ-5 голови и одбрани.

Вуко Борозан не изостана во топ-листата, па го има вториот најубав гол од турнирот во Келн. Тоа еден од неговите препознатливи проектили, од мечот за трето место, против ПСЖ. Страхиња Милиќ, пак, го искористи фактот што Арпад Штербик не можеше да брани против „светците“ и нанижа 12 интервенции, а една од нив го освои петтото место меѓу најатрактивните.

Најубавата интервенција ја има Сирил Димулан, од полуфиналето меѓу Нант и ПСЖ, кога му запре пенал на Микел Хансен на две минути до крајот. Првиот гол, пак, е за Диего Симонет, од финалето против Нант.

Аргентинецот беше прогласен за првиот неевропски МВП на Ф4-турнирите, а тој е еден од петмината играчи на Монпелје во идеалната постава за викендов. Друштво му прават Микел Гигу како лево крило, Мелвин Ричардсон на десната бековска позиција, 22-годишниот пивот Лудовиг Фабрегас и голманот Венсан Жерар. Сандер Сагосен од ПСЖ е најдобар лев бек, а Давид Балагер од Нант е најдобар на десната крилна позиција.

Авторите на ТВ-магазинот на ЕХФ повторно подзаборавија на Кире Лазаров, кој постигна вкупно 14 гола на двата меча во Келн и дојде до вкупно 65 на фајналфор-турнирите, што претставува нов рекорд.