„Едно е сигурно, а тоа е смртта, додека сѐ друго е релативна работа“

Македонскиот првак Вардар го очекува тешка пресметка во второто коло од ракометната Лига на шампиони (ЛШ) затоа што во Скопје гостува белорускиот гигант Мешков Брест.

Тренерот на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ на прес-конференцијата пред натпреварот кажа дека треба да се надминат за да го победат Мешков, а проблем за него е и тоа што немале доволно време да одржат нормални тренинзи.

„Едно е сигурно, а тоа е смртта, а сѐ друго е релативна работа. Не сакам да се жалам, но во последните седум дена одигравме четири меча, и ако ги сметаме Мешков Брест и Еурофарм Пелистер, тоа ќе бидат шест за 14 дена. Вардар во овој момент нема капацитет за толкав број на натпревари. Но ајде да не биде сѐ црно. Како што знам и Мешков има проблеми со повредени играчи. Кудуз не верувам дека ќе може да ни помогне ниту со Мешков Брест. Ние во последните седум дена не направивме два нормални тренинзи. Ние немаме уште еден среден бек, а за да пробам некој од другите ракометари нема време. Треба да се надминеме себе за да го победиме Мешков. Тие имаат сигурен клуб, буџет, можат да носат сериозни играчи, иако сите знаеме дека сѐ се врти околу Скубе. Ние без навивачи во сала не сме Вардар. Колку од ‘Комити’ ќе дојдат не знам, но секако би ни значело да бидат во голем број", вели Вујовиќ.

Вујовиќ предупреди дека не треба да примаат лесни голови и најави голема борба против Мешков.

„Силата на Вардар треба да биде во стравично голема борба. Мора да дадеме 200 проценти и не смееме да примаме лесни голови. Мешков мора да искрвари за секој постигнат гол. Ние сѐ уште не сме екипа која постигнува лесни голови, уште не сме на тоа ниво“, смета тренерот.

Натпреварот се игра в среда во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20.45 часот.