Еурофарм Пелистер не можеше да оди против веројатноста и очекувањата и загуби на гостувањето кај Рајн-Некар со 28-20.

Македонскиот тим одира сосема солидно прво полувреме, во кое најде начини да го умртви нападот на големиот фаворит, барем во почетните минути, држејќи го резултатот рамноправен. Показател за тоа е 2-2 по 10 минути игра, па и 4-4 по 13. Тука некаде битолчани ја покажаа првата слабост, со неколку „евтини“ грешки во нападот, што беше повод за лесни голови на Рајн-Некар.

Со серија од 3-0, бундеслигашот се одлепи на 7-4, потоа Е. Пелистер се врати, но само за да ја одржи таа негатива и да замине на пауза со 11-14. Се очекуваше да настапи пад во играта во некој момент од вториот дел, чисто поради подолгата клупа на Рајн-Некар и поквалитетниот избор играчи на Мартин Швалб, но не и да биде толку драстичен. 

Е. Пелистер не успеа да постигне гол од 37-та до 50-тата минута, цели 13 и дури е среќа што Рајн-Некар за тој период направи само 5-0 и се одвои на 22-15. Но тоа беше само почеток на бродоломот, таа серија се протегна до 8-1, водството на „лавовите“ стана двоцифрено и немаше спас од убедлив пораз. 

Матео Мараш со пет гола беше најефикасен кај Е. Пелистер, Јосип Периќ придонесе со четири, во ситуација кога Стипе Мандалиниќ не ја доби вообичаената минутажа. Кај Германците, Фајгел со седум гола беше прво име, а Уве Генсхајмер постигна шест, сите во првиот дел. Со втората победа во вториот меч, Рајн-Некар дојде до четири бода, на чело на групата Д, Еурофарм Пелистер остана на еден, на петто место. Следниот дуел битолчани ќе го играат на 1 декември, на гости кај Тримо Требње.