Божиќ-Павлетиќ: Кадетен има добра бековска линија и опасен среден!

Очигледна е желбата кај „пелистерци“ да направат прв чекор напред во новата група од Европската ракометна лига, но нема да им биде тешко на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен.

Јосип Божиќ Павлетиќ, еден од ракометарите кои дојдоа во Битола ова лето, веќе ја почувствува атмосферата и вели дека му е жал што не остварија добар резултат уште со Ним, минатата недела. Затоа си ставаат уште поголема обврска да одиграат добро во ова второ коло.

„Сигурно дека очекувавме многу подобар натпревар пред нашите навивачи, тоа ми е најмногу жал, што не се покажавме во подобро светло. Но, еве, нова недела, нов натпревар. И тие загубија во првото коло, па ќе бараат бодови како и ние. Одиме во Швајцарија за да дадеме сè од себе, да се покажеме во подобро светло и ако има можност да освоиме и бодови.“, вели хрватското крило.

За Кадетен има добри зборови, го истакна средниот бек Јонас Шелкер, иако во тимот одлично функционира и добриот познаник на македонската публика, Жоан Кањелјас.

„Мислам дека се најдобри на бековските позиции, особено на средниот, тргнува од него. Се сконцентриравме на неговата игра и на нашата одбрана сигурно дека мора да играме подобра одбрана и со тоа да си помогнеме да постигнеме некој лесен гол. Ако сето тоа функционира, мислам дека имаме добри шанси“, истакна Божиќ-Павлетиќ.