Бабиќ: Одиме во Швајцарија со респект, но и по победа!

Еурофарм Пелистер имаше несреќа да ја почне новата сезона во Европската лига против најсилниот противник во својата група, француски Ним, па поразот изгледаше неизбежен пред публиката во Битола. Тоа само ги зголеми мотивите за први бодови, макар и на гостински терен против Кадетен, утре (18.45) во 2. коло.

И Е. Пелистер и Кадетен Шафхаузен претрпеа порази во воведната рунда, со таа разлика што македонскиот тим беше очигледно надигран од Ним уште од првата минута, а Кадетен имаше водство на минута до крајот, но сепак загуби на гости кај Спортинг. Станува збор за тим кој е во подем и кој легитимно се надева за што повисок пласман во групата Д. Тоа го признава и тренерот на Пелистер, Жељлко Бабиќ, иако не го напушта амбицијата за победа.

„Кадетен е тим кој има голема традиција, многу добар тим, кој доста трча, дома се опасни, играат цврста одбрана со доста цврст централен блок и голман кој е во подем, игра и за хрватската репрезентација. Значи играме против сериозен противник, за кој се надевам и верувам дека е победлив. Одиме во Швајцарија со респект, но тоа е натпревар кој можеме да го добиеме, во кој можеме да одиграме добар ракомет, кој би ни гарантирал некој добар резултат“, вели Бабиќ.

Откако почна новата натпреварувачка сезона, Е. Пелистер одигра 11 меча, а од нив загуби четири, два од Мешков, по еден од Вардар и од Ним. Бабиќ верува дека екипата полека ја крева својата форма и дека може да наметне своја игра, истата како и досега, но со многу повеќе дисциплина.

„Нема многу што да менуваме. Јосип Периќ сега е малку подобар, имаше проблеми со задната ложа, па затоа не го почна натпреварот со Ним. Значи тој ќе го почне натпреварот, само тоа е промена, другото е помалку или повеќе исто. Мораме да играме добра одбрана пред сè и мора да се враќаме бргу во одбрана. И ако сакаме добар резултат, а сакаме, мора да бидеме многу попрецизни во напад“, додава Бабиќ.