Во ракометот и одбојката очекуваат да играат, нeма шампион „на зелена маса“

За разлика од кошаркарското првенство, за кое се наѕира предвремен крај, на „зелена маса“, наместо на терен, ракометните и одбојкарските власти во Македонија уште не ги напушта оптимизмот дека ќе се вратат во сала да доиграат.

Машката ракометна Суперлига во Македонија е особено специфичен систем на натпреварување, така што новонастанатата ситуација е посебно проблематична таму. Основниот дел од сезоната има уште едно коло за да биде комплетиран, а потоа четирите најдобобро пласирани ќе се спојат со Вардар и со Еурофарм Пелистер во т.н, плејоф-фазата. Таму исто така треба да има десет кола за да се добие шампионот - првиот на табелата. 

Со оглед дека Вардар и Еурофарм Пелистер немаат одиграно ни една минута во домашната Суперлига неизводливо е да се прогласи за шампион актуелниот лидер на табелата (во случајов Металург), како што тоа планираат да го направат кошаркарите. Од Ракометната федерација на Македонија (РФМ) засега не преземаат мерки, велат дека се оптимисти оти некаде во мај би можело да се вратат во салите, па со погуст распоред, среда/сабота, да ја завршат сезоната.Меѓутоа, ако се случи вонредната состојба и строгите рестрикции да продолжат, тогаш управниот одбор, во корелација со клубовите, би решавал каква разврска би имала и трката за титула и борбата за опстанок.

Одбојкарската федерација исто така вели дека ќе ја следи ситуациајта за да реши во кој правец да се движи понатаму. Ако во доцен април или почетокот на мај може да се игра ќе најдат време за остатокот на сезоната, а ако не, планираат да спроведат некој скратен систем на натпреварување само на екипите кои се борат за титула и оние кои се во трка за опстанок. Таму машката лига e влезена во втората табеларна фаза, во која шест екипи треба да одиграат 10 кола дома и на гости, а потоа најдобрите четири да играат плејоф. Стигнати се до четвртото коло, што значи имаат уште шест рунди за играње, плус полуфиналните и финалните серии, кои се играат до три добиени.