Вардар и Куманово утре ќе се борат за пехарот во женскиот Куп

Финалето во женскиот ракометен Куп на Македонија ќе продолжи онаму каде што застана во 2019 година, пред ланската пауза поради коронавирусот. Како и тогаш и овој пат Вардар и Куманово ќе се борат за пехарот, но сега кумановки ја имаат улогата на бранителки.

Фаворитите успеаја да слават во своите полуфинални средби, попладнево во салата „Автокоманда“ и да си закажат нова пресметка за трофејот во Купот. Кумановки први си ја решија судбината, совладувајќи го Металург со 27-23. Домаќинките го одржуваа притисокот, чувајќи минимална негатива во првиот дел, па на пауза заминаа само со 12-13. Сепак, Куманово го почна второто полувреме со серија голови и се одлепи на 19-14, па Металург не успеа докрај да се врати. Боризовска, Јанкуловска и Џамкиќ постигнаа по шест гола, толку имашеи Тасевска кај Металург, но најефикасна беше нејзината тимска другарка Божиновска.

Во второто полуфинале Вардар го победи Чаир со 31-27. Иако разликата е иста како во триумфот на Куманово, меѓутоа Вардар овде најави дека ќе ги реши работите уште во првиот дел, кој го доби со 15-9. Како ближеше финишот, Чаир ја топеше разликата, но иако дојде на минус два, не успеа ни да се доближи до пресврт. Трпевска, Дамјановска и Стојановска со по пет гола го предводеа победникот, додека кај чаирчанки Рахмани беше најдобра со осум погодоци.

Во утрешното финале, од 14.30 часот, вардарки ќе го бркаат седмиот пехар од Купот, а кумановки ќе го бранат единствениот, освоен пред точно две години, токму против Вардар.