Вардар е комплетен: Претставени Јотиќ и Јагуриновски!

Сѐ уште актуелниот европски шампион, Вардар, ја состави екипата која ќе ги брани црвената и црната боја во Европа и во регионов во сезоната 2020/21. Последни во новиот тим се Томи Јагуриновски и Ловро Јотиќ.

Вардар го потврди ангажманот на двајцата нови ракометари, потенцирајќи дека го комплетира својот тим.

Со Томислав Јагуриновски и Ловро Јотиќ, екипа Вардар 1961 го формираше ростерот со кој ќе настапува во новата сезона, пишува на официјалната фан-страница на Вардар, на Фејсбук.

Јагуриновски, практично се враќа во „Јане Сандански“, откако беше дел од младинските екипи на вардарци, пред да замине во Металург во март 2016. Потпишал двегодишен договор со Вардар и ќе биде потпора на десната бековска позиција за најголемата ѕвезда меѓу новите засилувања, Марко Вујин.

Јотиќ, пак, ќе биде втората половина од хрватското организаторско дуо за црвено-црните, заедно со Анте Гаџа. Минатата сезона тој ја мина во Еурофарм Пелистер (тогаш сѐ уште Работник) и се истакна како еден од најважните играчи. Беше втор стрелец во ЛШ со 45 гола (зад Остроушко), беше најдобар тимски голгетер во СЕХА-лигата и на делба на второто место на ниво на целата лига, притоа уште и шести асистент во регионалната статистика.