„Столе и Недановски ми дофрлија 'не ти стои зелена боја'“

Српскиот интернационалец Илија Абутовиќ е едно од најзвучните засилувања на Пелистер во пресрет на новата сезона.

Миленикот на навивачите на Вардар од златните години на „црвено-црните“ одлучи да го засили големиот ривал од Битола со кого ќе настапува во Лигата на шампионите и ќе се обиде да му помогне да ја продолжи доминацијата во македонскиот ракомет.

Во интервју за порталот balkan-handball.com, Абутовиќ откри како течела првата средба со пријателите од Вардар, тренерот Владо Недановски и помошникот Стојанче Стоилов со кого беше соиграч до пред шест години.

„Кога се појавив во хотелот во Струга на кафе, ми дофрлија: зелено не ти стои убаво. Ние сме големи пријатели, минатата сезона ги следев сите натпревари и на Вардар и на Пелистер. Македонија има посебно место во моето срце“, откри Абутовиќ.

Меѓу другото, тој кажа дека летово имал понуда и од Охрид, но ја избрал онаа од Пелистер. Абутовиќ беше член на Вардар од 2011 до 2018 година, со него освои една титула во Лигата на шампионите, а по заминувањето, четири сезони помина во Рајн Некар Левен и две во францускиот Шартр.

Своето официјално деби во дресот на Пелистер, 36-годишниот Србин ќе го забележи утре во Гевгелија, на мечот од Суперкупот на Македонија против Алкалоид.