„Сергеј повеќе нема да биде во клубот, но што со Вардар - уште не се знае“

Коронавирусот го парализира спортот во целиот свет, но се чини актуелниот европски првак во ракомет, Вардар е еден од клубовите кои најмалку очајуваат по играње натпревари во овој момент. Црвено-црните и онака се мачеа цела сезона, па овој непријатен одмор може да го искористат за реструктурирање и можеби расчистување на видикот кон матната иднина. Сташ Скубе, во интервју за „Балкан-хендбол“ проговори како се во овие тешки моменти и тој и ракометарите и што да очекуваме понатаму.

Во шега, словенечкиот среден бек рече дека, што се однесува до Вардар, коронавирусот веднаш може да ја поништи цела сезона, бидејќи ова беше една од најтешките досега и за клубот и за играчите како индивидуи.

„Ако се прашува Вардар, би било најдобро да сè да се заврши поради овој вирус, бидејќи навистина не изгледаме добро. Не е тоа оној Вардар кој го очекува публиката, па и ние. Се надевам дека работите некако ќе се средат, но не знам... Разочаравме многу оваа сезона, загубивме многу натпревари и не е толку што ги изгубивме, туку начинот на којшто ги изгубивме, со која разлика. Сменивме три тренера, така што, не беше лесно да се биде играч на Вардар оваа сезона“, вели Скубе.

На шега вели дека, додека спортистите низ светот донираат од платите, кај нив нема што да се крати. Иднината уште им е нејасна, но рече дека Сергеј Самсоненко сигурно нема да продолжи на чело на Вардар.

„Тешко е, да. Сите ние го сакаме ракометот, но треба и некако и да преживееш. Не сме ние фудбалери или кошаркари кои заработуваат милиони. Ситуацијата е тешка, но ние покажавме дека се може и без тоа, сепак, важно е да се заработи нешто. После Келн беше кажано дека сè ќе се среди, дека ќе се подобри ситуацијата, дека ќе биде повторно силен Вардар, но за жал ништо од тоа не се случи. Јас сум оптимист и се надевам дека работите ќе одат на подобро. Тие што останавме во клубот треба да одиграме чесно до крајот, па ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Знаеме дека Сергеј веќе нема да биде во клубот, искрено не можам да ви кажам како ќе биде и што ќе биде следната година. Се надевам дека ќе се најде некој кој ќе го врати Вардар на патот кој го заслужува, бидејќи Скопје живее за ракометот“, додаде Словенецот.

Последното инфо од клубот или од играчите беше дека добиле „црно на бело“ дека ќе бидат исплатени до крајот на сезоната, а за тоа дали Сергеј ќе остане или ќе се погрижи некој друг само се шпекулираше. Оттука, непознато е и кои играчи би останале, дури и случаите како Скубе, кој има важечки договор со црвено-црните.

„Јас уште не сум решил. Имам договор уште две години, но знаеме дека тој договор во моментов и не значи многу. Можам да кажам дека наскоро ќе решам, а шансите се 50-50 да останам“, одговори Скубе.