„Ривалството со Вардар е како кај нас Порто - Бенфика, нестрплив сум да освојувам титули!“

Откако се раздели со капитенот Јосип Периќ, јасно беше на Пелистер ќе му биде многу тешко да најде соодветна замена на така важна позиција како среден бек, но во Битола се оптимисти дека направиле полн погодок со ангажирањето на Португалецот Вилсон Дејвис.

Шесткратниот шампион на Португалија денеска беше претставен во Пелистер, а тој ги сподели своите импресии и очекувањата од клубот и воопшто, од македонскиот ракомет.

„Шансата да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер кој ми кажуваше за идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните титули. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб. За мене е задоволство и голем предизвик што сум во Пелистер. Клубот има големи амбиции, сака да освојува титули, да биде градот среќен, бидејќи 18 години е без титула. Веќе нестрпливо сакам да играм и да освојувам трофеи пред нашите навивачи“, изјави 33-годишниот Португалец.

Тој играл во Португалија од почетокот на кариерата, до 2014 година (со двегодишен излет во нисколигаш во Шпанија), а потоа преминал во француското првенство, каде што ги бранел боите на Нант, Сесон Рен, Данкерк и последните три сезони на Иври. Со Нант има освоено Лига-куп на Франција. Главно, ракометар кој минал многу низ кариерата и знае добар тим кога ќе види. Такви се неговите први впечатоци од Пелистер и новиот тренер, Данецот Ларс Валтер.

„Имаме искусна екипа и млади момци, но генерално многу квалитет има во оваа група. Добивме скандинавски тренер, со свои идеи за атрактивен ракомет. Се трча многу и се бара многу напади, но и силна одбрана, каква што е неопходна. Првите импресии ми се одлични, сите напорно работат и градиме нешто за да биде подобро“, додава Дејвис.

Вели дека уште не прошетал низ Битола како што треба, но веќе сфатил колку луѓето го сакаат ракометот и колку се жедни за трофеј и за победи над ривалот Вардар. Го спореди ривалството како она што го има во Португалија, на релација Порто - Лисабон.

„Немав можност многу да го видам градот, но кога излегов воочив дека луѓето ме препознаваат, го знаат ракометот. На пример пред некој ден ми пријде еден човек и ми рече: 'Оваа година ја сакаме титулата'. Ќе работиме за човек како овој и за сите навивачи да ги задоволиме. Спремен сум на тој притисок, веќе ми кажуваа за Битола и би била голема радост да ја донесеме титулата во градот. Играв во Порто и можам да ви кажам дека ривалството со екипите од Лисабон, посебно со Бенфика, е големо. Ова ривалство меѓу Пелистер и Вардар 1961 може да се споредува со тоа. Го видов тоа и од видео снимките од минатата сезона“, дополни Дејвис.