Пелистер со петминутен блицкриг го доби Вардар и го прескокна на табелата!

Актуелниот македонски шампион Пелистер славеше во големото дерби против Вардар со 27-21 во првиот меч од вториот дел на сезоната во ракометната Суперлига.

Вардар речиси постојано го имаше водството во првото полувреме, иако Пелистер веднаш возвраќаше и се играше гол за гол до крајот на првите 30 минути (10-10).

Скопскиот гигант остана во водство и на почетокот на второто полувреме (12-11), по што битолчани влегоа во одличен ритам и набрзо стрелаа за целосен пресврт (14-12).

Вардар не се предаваше и се бореше храбро во следните минути, но грешките во нападот беа казнети од Пелистер, кој од 42. до 47. минута стигна до пет голови предност (19-14).

Пелистер и во финишот од средбата продолжи да врши притисок кон голот на Вардар, кој повторно запиша неколку грешки и загуби со високи 21-27.

Најдобар во победничкиот тим беше Кузмановски со осум голови, додека Николиќ постигна пет погодоци за Вардар.

На вториот меч кој се играше во истиот термин, Охрид вечерва славеше на гостувањето кај Бутел во Скопје со 30-29, а најдобар стрелец беше Гоце Ојлески со седум погодоци во победничкиот состав.