Пелистер 2 го помачи Вардар, но бранителот на пехарот оди во финале

Вардар ќе игра во финалето на 29. ракометен Куп на Македонија, откако во денешниот полуфинален меч го совлада вториот тим на Пелистер со 28-24.

Аутсајдерската улога не му пречеше на помладиот тим од Битола да му опонира на Вардар достоинствено и константно во натпреварот, без да му дозволи да одлепи позначајно. Уште во првото полувреме се виде дека вардарци нема да имаат рутинско попладне, па дури и кога резултатски ќе побегнеа, како во 19. минута, на 9-5, Пелистер 2 успеваше да се врати.

Грешките во нападот и загубените топки беа причина што немаше постојаност во играта, па Вардар го контролираше водството, кое застана на 13-11 на паузата. Второто полувреме не беше ништо полесно и во 37. минута младите пелистерци се доближија на 15-16. Сепак, повторно, искуството на Вардар, подолгата клупа и повисокиот квалитет придонесоа без кризи и падови во играта да го држи водството, па двапати да го доведе и до плус пет (24-19, 25-20).

Столбови на успехот беа Тимур Дибиров со 10 (три од пенал) и Филип Талески со девет гола сите од игра, додека кај Пелистер 2 најефикасни беа Павле Петровиќ и Милан Ѓукиќ со по шест погодоци. Во финалето, в недела од 19.30 часот, Вардар ќе игра за 15. пехар, против победникот од второто полуфинале, Пелистер - Бутел. Тој меч почнува вечерва од 20 часот.