Недановски: Сѐ освен титула за овој Вардар ќе биде неуспех!
Тренерот на Вардар, Владо Недановски за клупскиот вебсајт ги истакнува амбициите за новата сезона.
„Спремен е Вардар за новата сезона, Направивме добри подготовки, одигравме неколку контролни средби, настапивме на два турнири. Целите остануваат исти, без разлика дали Вардар има или нема играчи, и какви се тие, целите се секогаш тие. И претходните две сезони бевме доста блиски до титулите, а ги загубивме заради тој недостаток на ротација. Сега не можеме да кажеме дека немаме играчи. Имаме над 20 играчи кои се идентични по квалитет и можат да покријат добро и во напад и во одбрана. И сега се освен освоена титула ќе биде неуспех за овој Вардар“, вели Владо Недановски.
Вардар ќе игра во Европската лига, но Недановски приоритет дава на домашното првенство.
„Лига Европа не е слабо натпреварување, напротив. Ќе играме со Порто, со Мелсунген и Валур, и сите тие се квалитетни тимови. Јас сум задоволен од ждрепката, бидејќи ќе играме добри и силни мечеви. И публиката тоа го сака, отколку да играме со некои неатрактивни екипи. Според мене најважно е домашното првенство, да можеме да се вратиме во лигата на шампионите. Ќе имаме многу мечеви сезонава, но имаме и долга клупа и квалитетни играчи“, смета тренерот на Вардар.