Металург со 51 гол ја наполни мрежата на Работнички

Металург одигра фантастичен меч против Работнички во 14.коло од македонската Суперлига и славеше со убедливи 51-23.

Ракометарите на Металург на најдобар можен начин го отворија мечот со серија од 5-0, по што Работнички не можеше никако да фати приклучок во првото полувреме. Екипата од Автокоманда водеше и со 17-7 во еден момент од првите 30 минути, а на паузата заминаа со 23-10.

Металург не попушти ниту во вториот дел, па набрзо ја зголеми предноста на 30-13, а како минуваше времето така Работнички тонеше, по што на крајот запиша убедлив пораз од 23-51.

Во редовите на Металург најефикасен беше Кондев, кој постигна 12 погодоци, додека кај Работнички најдобар беше Палевски со десет гола.

Металург е првопласиран на табелата со 38 бодови, односно четири повеќе од Охрид 2013, кој има одиграно и еден меч помалку.