Tренер доби 90 години затвор за детска порнографија - снимал и фотографирал над 400 девојчиња!

Шон Гарднер, Американец кој некогаш бил истакнат тренер по гимнастика за млади спортисти, е осуден на 90 години затвор поради тајно снимање на своите млади спортистки додека се пресоблекувале и користеле тоалет во сала во Мисисипи.

Американската окружна судијка Кристи Џонсон му ја изрече на 39-годишниот Гарднер максималната можна казна по три точки од обвинението за производство на материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Гарднер ја призна вината за поставување скриена камера во тоалетот на гимнастичката сала во Первис, Мисисипи, во периодот од декември 2017 до април 2018 година, со цел да ги снима своите ученички.

Истражителите наведуваат дека направил снимки одблизу на кои се гледаат најмалку 10 малолетнички додека биле голи или делумно соблечени. Материјалите биле откриени на неговите компјутери дури неколку години подоцна, кога надлежните истражувале наводи дека сексуално злоупотребувал гимнастичарки во Ајова.

Како доказ, истражителите заплениле околу 50 видеоснимки и 400 фотографии. Апсењето на Гарднер, кое минатото лето го извршило ФБИ, повторно ги отвори прашањата за тоа дали американските гимнастички организации направиле доволно за да ги заштитат спортистките од сексуална злоупотреба од страна на влијателни тренери.

Една од неговите поранешни ученички изјавила за „Си-Би-Ес њуз“ дека Гарднер бил харизматичен и дека таа во тоа време била толку млада што не сфаќала дека однесувањето на нејзиниот тренер, особено на крајот од тренинзите, било несоодветно.

„Сите ние се редевме за да добиеме прегратка, а тој нè бакнуваше во челото и нè удираше по задникот“, раскажала Либерти Рејнс, која имала 11 години кога почнала да тренира во клубот.