Металург мотивиран, но Вардар однесе кревка победа од „Автокоманда“

Вардар ја мина и втората важна мерна точка на патото до титулата во македонската ракометна Суперлига, славејќи против Металург во Автокоманда, со 31-27.

Натпреварот беше далеку понеизвесен од очекувањата, донесени врз основа на досега прикажаното во плејофот, во прв ред, убедливоста на Вардар и инфериорноста на Металург во натпреварите, посебно против Еурофарм Пелистер.

Домаќините покажаа дека дуелите со Вардар секогаш носат посебна мотивација и поттик да се прикаже најдоброто светло, па во првото полувреме тоа и се случи. Металург ги одигра, веројатно, најдобрите 30 минути оваа сезона во плејофот, имаше тенко водство, но во 27. минута се одлепи на 14-11. Сепак, искусно и присебно, Вардар се врати, а со пенал во последните секунди изедначи на 15-15 на паузата.

На почетокот на вториот дел продолжи силно и поведе со 17-15, што значеше серија од 6-1, ако се смета од таа 27. минута. Во продолжение вардарци го негуваа водството, функционираше добро нивната одбрана 5-1, па растеше и водството. Во 52. минута достигна 29-24 и стануваше јасно дека неизвесноста заврши за овој натпревар. Најефикасни, со по седум гола, беа двете десни крила на хрватската репрезентација, Иван Чупиќ кај Вардар и Златко Хорват кај Металург. Тимур Дибиров додаде шест гола, а Мартин Серафимов и Василие Калуѓеровиќ постигнаа по пет.

Вардар остана со максимален ефект и по седум кола во плејофот, но уште поважно, заокружи како успешен уште еден од потешките натпревари, барем на хартија. Металург и понатаму е со пет бода, на шестата позиција. Во истиот термин играа и Еурофарм Пелистер 2 и Бутел, во Битола, а гостите од Скопје ја однесоа победата со 26-25. Мечот беше изедначен со 14-14 на паузата и со шанса за реми во финишот, иако Бутел водеше и со плус четири во вториот дел. Со новите три бода се качи на третото место, со вкупно 10, барем додека Пролет не го одигра својот меч од ова коло, утре против Струга.