Марко Кизиќ го напушта Вардар и оди во - Еурофарм Пелистер! (ФОТО)

Младиот голман на македонската репрезентација, Марко Кизиќ е нов ракометар на Еурофарм Пелистер, соопштија од битолскиот клуб. Потпишал тригодишен договор, за периодот од јуни 2021 до јуни 2024 година. 

Овој трансфер доаѓа како мало изненадување, без разлика што Вардар неодамна потпиша со Мартин Томовски за следната сезона. Беше најавувано дека иднината на македонската репрезентација заедно ќе расте во Вардар, меѓутоа Кизиќ реши да ја промени средината.

Талентираниот голман (190цм, 80кг) има и физички предиспозиции и природен талент за една од најспецифичните позиции на теренот, а дел од квалитетите веќе покажа во натпреварите за Вардар во Лигата на шампионите, иако во јануари наполни 20 години..Очигледно, од Вардар ќе сметаат и на Борко Ристовски и на Робин Кантегрел за следната сезона, па со оглед дека и Томовски ќе ја засили конкуренцијата, Кизиќ побара нов предизвик.

Во Еурофарм Пелистер исто така конкуренцијата меѓу стативите е жестока, откако дојде Египќанецот Карим Хендави и ги засили Благјоче Трајковски и Градимир Чаневски. Логиката вели дека и еден од нив ќе го напушти клубот, бидејќи четворица врвни голмани се многу, дури и за екипа која игра на четири фронта во текот на една сезона.