Кирил Лазаров останува без - Кирил Лазаров 7?!

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, повеќе не е дел од суперлигашот што ги носи неговите иницијали и број на дресот, екипата на КЛ7, дознава „Спорт1“.

Неофицијално, леворакиот бомбардер бил еден од тројцата партнери во оваа екипа, но од неодамна, според чаршиските муабети, тој се повлекол од сопствеништвото во овој тим, додека клубот ќе продолжи да работи со останатите двајца акционери. Во контекст на ова е и промената на салата во која КЛ7 ќе тренира и настапува во иднина, односно преселбата од „Борис Трајковски“ во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Засега не е познато дали во скоро време ќе дојде и до промена на името на клубот, со оглед што носи идентитет на лице кое повеќе не е дел од сопственичката структура. Повеќе информации околу ова се очекува да дојдат по завршувањето на Мундијалот во Египет, каде што Лазаров настапува за репрезентацијата на Македонија, односно по неговото враќање во Скопје.

Тимот на КЛ7, кој неодамна остана без првиот тренер Доне Бошковски, првиот дел од Суперлигата го заврши на четвртата позиција на табелата во групата А со пет победи, едно реми и шест порази, што не беше доволно да се најде меѓу тимовите кои ќе продолжат да се борат за титулата во Плејофот. Скопјани во Плејаут-фазата од Суперлигата ќе продолжат да се натпреваруваат под палката на поранешниот репрезентативен кружен напаѓач, Игор Котевски.