Иван Пешиќ: Добив понуда од Вардар, но го бирам Мешков Брест!

Вардар ќе мора сериозно да се ангажира за да најде нов голман, бидејќи кандидатите за кои се пишува по медиумите еден по еден се трошат.

Најновиот кој си ја реши судбината во следните три години е Хрватот Иван Пешиќ (28). Голманот на Мешков Брест беше логична цел за вардарци, но сега станува „забрането овошје“, бидејќи го обнови договорот со белорускиот шампион. Тој дури откри дека Вардар го барал, но тој го одбрал Мешков.

„Мешков е сериозен и амбициозен проект, кој, сигурен сум дека има одлична иднина. Се чувствувам одлично во Брест и удобно ми е. Искрено, имав понуди од други европски клубови, меѓу нив македонскиот Вардар и унгарскиот Пик Сегед, но го одбрав Брест. Заедно со оваа екипа сакам да ја освојам Лигата на шампионите. Тоа е мојот сон. Благодарен сум на клубот за довербата, за продолжениот договор и за соработката“, вели Пешиќ.

Хрватот го продолжи договорот за уште три сезони, до 2022, со оглед дека стариот му истекуваше во 2019 година. Во Белорусија дојде во 2013 година. Покрај него, како кандидат за нов голман на Вардар се спомнуваше и Мирко Алиловиќ, кој ќе се раздели со Веспрем на крајот од оваа сезона, но потпиша за Пик Сегед.