Еурофарм Пелистер се пресели во Скопје, зашто им било студено во Битола!

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер се пресели од Битола во Скопје за да ги одработи подготовките пред продолжението на сезоната во регионалната СЕХА-лига и стартот во домашната Суперлига од една неверојатна причина – студено им е во „градот на конзулите“.

Иако салата „Боро Чурлевски“ минатата година беше шминкана за да може да ги угости мечевите во дебитантската сезона во Лигата на шампионите, сепак е далеку од сала која ги нуди вистинските услови за работа, па битолскиот клуб реши да избега од својот град и да се пресели во престолнината Скопје, каде сега ќе има подобри услови во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Битолската сала нема ефикасен систем за греење, а студеното време им прави проблеми за нормален тренинг, по што „сино-зелено-белите“ некомплетни дојдоа во Скопје, па во исчекување да им се приклучат репрезентативците, веќе одиграа и еден тест меч против КЛ7, победувајќи со 29-22. Во вторник Еурофарм Пелистер ќе се компелтира, а тренерот Бабиќ ќе ги има на располагање Велковски, Митревски, Маџовски, Маркоски, Вегар, Ѓукиќ, Остроушко, Шевелев и Радовиќ, како и словенечкиот интернационалец Анже Ратајец, кој се рехабилитираше од повредата здобиена на струшкиот турнир пред стартот на сезоната поради која го пропушти првиот дел од актуелната сезона.

Еурофарм го очекува осминафинална пресметка со Нексе во СЕХА-лигата, а победникот во четвртфиналето ќе се соочи со Вардар. Потоа следува стартот на Суперлигата и мечевите во Купот на Македнија во битка за домашните трофеи.