Некогашната бразилска фудбалска сензација доби двегодишна суспензија поради допинг

Габриел Барбоса, попознат во фудбалскиот свет како Габигол, доби суспензија од две години откако се обидел да ја попречи работата на анти-допинг агенцијата и не ги почитувал процедурите.

Тој не беше позитивен на допинг-тест, но е обвинет дека го прекршил членот 122 од бразилскиот анти-допинг кодекс што се смета за измама или обид за измама во случај на контрола. Минатата година, при една ненајавена допинг контрола, тој ја попречувал работата на официјалните лице, потоа отишил без дозвола на ручек и на крајот предал отворен сад со урина.

Двегодишната суспензија на Габигол е ретроактивна и важи од април минатата година, па тој ќе може да се врати на фудбалските терени во 2025. Има право и на жалба бидејќи одлуката за суспензија е донесена со гласање 5-4.

Пред речиси една деценија, Барбоса беше најголем талент во бразилскиот фудбал и како тинејџер направи трансфер во Интер. Сепак, никогаш не го потврди својот потенцијал, па во моментов е играч на бразилскиот Фламенго. Во својата кариера играше уште а Сантос и Бенфика, а за бразилската репрезентација забележа 18 настапи и постигна пет гола.