МТВ ги загуби правата за пренесување на фудбалската ЛШ!
Денеска УЕФА го соопшти списокот на телевизии, продукциски куќи и телекомуникациски оператори кои ги добиле ТВ правата за наредните три години, а меѓу нив не е МТВ. За првпат во историјата. Затоа пак, правата за пренесување на ЛШ ги откупил Македонски Телеком АД Скопје.
Ова е слична ситуација од пред неколку години кога истата телекомуникациска компанија од 2012 до 2015 година ги имаше ТВ правата за ЛШ, но ги пласираше преку каналите на спортскиот канал Арена. Но од 2015 наваму, токму Арена ги имаше правата за натпреварите, а МТВ пренесуваше само еден меч неделно (тој во среда) - вкупно 15 средби во сезоната и финалето.
Сега ситуацијата е поинаква. Македонски Телеком АД веројатно ги има откупено истите права како што досега ги имаше МТВ. Тоа значи еден меч неделно. Неофицијално, до лани МТВ за тој пакет плаќаше 300.000 евра по сезона, а годинава на тендерот понудил повисока сума, која „не поминала“. Што значи дека Телеком веројатно ќе треба да најде или направи сопствена платформа на која ќе ги пренесува средбите, а тоа да го вклучи во некои од нејзините МаксТВ пакети.
Изненадува што специјализираниот спортски канал „Арена“ ги загуби правата за Хрватска, таму од наредната сезона одат во рацете на „ВИПнет“. Оваа голема смена што се случува во Хрватска, не се знае дали тоа ќе се ископира и во Србија, зашто „Арена“ е нивен заеднички проект, кој има само различни коментатори (хрватски и српски, секако не македонски...).
На листата која ја објави УЕФА пишува дека во Хрватска и Србија правата ги имаат нивните национални куќи, но веројатно за истиот пакет кој го имаше и МТВ, заклучно со оваа сезона. Не се знае кој го откупил „големиот пакет“, т.е. правата за емитување на сите натпревари од ЛШ.