Мобилизација за одбрана на круната: Комити ќе го бодрат Вардар во Келн!

За разлика од минатата година, кога Вардар без поддршка од најжестоките навивачи Комити ја освои ракометната Европа триумфирајќи во Келн, годинава црвено-црните на фајналфор турнирот ќе ја имаат поддршката од својата навивачка група.

Во последен миг за вардаровите фанатици обезбеден е автобуски превоз до Келн и билети за влез во „Ланксес Арената“. Заедно со тие што веќе тргнаа во приватна режија со автомобили, комбиња или авион, се очекува во Келн европскиот првак да има супер поддршка во обидот да го повтори ланскиот успех. Секако, таму се и ултрасите на Шалке, збратимената група со Комити, за кои се очекува исто така во голем број да дојдат во Келн. 

Факт што оди во прилог на вардаровите навивачи е што трите француски противници на Ф4 - ПСЖ, Монпелје и Нант, немаат којзнае какви фанови, па се очекува Комити да грмат од трибините на „Ланксес Арената“. Минатата година таа улога ја имаа приврзаниците на унгарски Веспрем, кои во Келн дојдоа во бројка од три илјади, па беа и вистински хит низ градот за време на фајналфор викендот.