Македонски навивач на Интер го мина цело обезбедување и - му се поклони на Мурињо! (ФОТО)

Повторното доаѓање на Жозе Мурињо во Скопје, се чини е поголем настан од самиот натпревар на неговиот Тотнем против Шкендија. „Специјалниот“ има голем број фанови во нашата земја, без разлика на кој клуб (што тој го водел) припаѓа нивното срце. Еден таков е фан на Интер, па успеал да дојде до Португалецот во скопскиот хотел „Хилтон“.

Навивачот се пофали на Фејсбук, споделувајќи фотографија со Жозе Мурињо, која, патем, му била јасно забранета. Ја понел со себе и книгата од славниот тренер, за тој да му ја потпише.

„Неколку минути на дистанца и со сето тоа с**ње што доаѓа со протоколот, дури успеав да направам фотографија, иако ми беше забрането. Се обидов да му кажам колку сме благодарни за тоа што го направи за нашиот Интер. 'Мистер', ни го остваривте сонот по 45 години, најмалку што можеме да направиме е да ве почитуваме насекаде низ светот и да ви дадеме до знаење дека не забораваме и никогаш нема да заборавиме“, напиша навивачот на англиски јазик, споделувајќи со фановите на Интер од целиот свет.

Ова е второ доаѓање на Мурињо во Скопје, откако во 2017 година, како тренер на Манчестер јунајтед играше во Суперкупот на УЕФА, против Реал Мадрид. И тогаш предизвика големо внимание, а неговите приврзаници не го заборавија ни сега.

Мурињо и екипата на Тотнем се сместени во хотелот „Хилтон“ во Скопје, пред вечерашниот натпревар против Шкендија (20 ч.) од третото квалификациско коло во Лига Европа.