Спортското новинарство од денеска има ново лице. Познатата македонска водителка Јана Серафимова го имаше своето деби на спортските вести на Телевизија Телма. 

Таа од денеска па натаму ќе го разубавува етерот, а секако и македонскиот спорт. Серафимова е добро позната во јавноста по нејзината работа во други телевизии како ТВ24 и Сител, но овој пат во Телма е со нов предизвик, односно влегува во спортското новинарство.

Освен што редовно ќе се појавува на спортските вести, таа наскоро ќе почне и со нов проект наречен „Ферплеј со Јана“. Се работи за спортска емисија, што ќе се емитува секоја сабота од 19:15 часот, а нејзини гости ќе и бидат сите најпознати македонски и странски спортисти. 

Серафимова потекнува од спортско семејство, а нејзинот брат Никола е фудбалски репрезентативец на Македонија и моментално настапува за унгарскиот тим Залаегерзег. Редовно ги посетува спортските натпревари и ретко пропушта натпревар на Македонија, без разлика за кој спорт се работи.

„Спортот секогаш бил моја пасија, па и кога се занимавав со еден друг вид на новинарство, постојано форсирав спортски теми. Овој пат целосно сум посветена и фокусирана на спортот. Новиот ангажман ми дава шанса да го зголемам своето искуство и се надевам дека заедно со јавноста ќе се радуваме на нови големи успеси“, изјави Серафимова.