„Би ги продала сите пехари и медали за да останам со покрив на главата!“
Ретко кој може да се пофали дека има црно на бело, оти е најдобар на светот во нешто. Таква е Цеца Китиќ, која во 2010 година доби признание од ИХФ дека е најдобра ракометарка на сите времиња. Освои Сребро на ОИ во Москва во 1980 година и злато четири години подоцна во Лос Анџелес, со репрезентацијата на Југославија, во 1988 беше прогласена за ракометарка на годината, а сега – стравува за покривот над главата.
На свои 58 години Китиќ се мачи со финансиски проблеми. Имала неисплатен кредит за стан и краток рок за да го исплати. Ако не го направи тоа, банката ќе ѝ го конфискува.
„Не барам некој нешто да ми прости или отпише. Барам само малку време, малку повеќе од овој рок кој ми го дадоа за да најдам толку пари, околу 66.000 евра, бидејќи јас не сум магионичар. Тоа е првиот кредит кој сум го подигнала во животот. Сега сум на црна листа, не можам да подигнам втор кредит за да го отплатам долгот, па да го продадам станот и да купам помал, со што би ги решила сите маки. Ако ме тргнат од таа листа, јас би можела да поднесам барање за нов кредит, бидејќи сега имам примања од 1.500 евра месечно, колку што добивам од националната пензија како заслужна спортистка“, вели Китиќ.
Таа е родена во Тузла, а во 80-тите години на минатиот век не само што беше една од најуспешните спортистки во поранешната држава, туку беше мегаѕвезда, во брак со Блаж Слишковиќ како најпозната спортска двојка. Се разделија по многу кратко, а таа продолжи да игра ракомет дури и по својата 40-та година. На 46 во родната Тузла играше во иста екипа со ќерката Мара, а на 49 се реактивира да му помогне на поранешниот клуб Раднички, поради што влезе во Гинисовата книга на рекорди. Имаше понуда да учествува во реално шоу во Србија, а се пишуваше дури и дека нејзината ќерка е подготвена да продаде бубрег за да ги отплати долговите на мајка си.
„Да ја прифатев понудата да настапам во реалното шоу ‘Парови’, ќе можев на лесен начин да дојдам до пари и да го подмирам долгот. Ете на што се сведува – еден ден сум национално богатство, а друг... Ако останам без стан, можеби ќе се вратам кај моите во Тузла. Би ги продала сите пехари и медали само да се извлечам“, додава Китиќ.