Образот пред успехот: Бостон го суспендира тренерот кој им донесе финале во НБА!

Управата на Бостон селтикс утринава официјално го суспендира тренерот Име Удока за целата сезона 2022/23, откако тој го прекршил интерниот клупски закон и имал сексуална афера со колешка.

Тој бил во интимна врска со поранешната кошаркарка Алисон Фистер, која во моментов работи како директорка за развој на играчите во таборот на „келтите“. За нивните сексуални средби знаеле сите во клубот уште од летото, но официјална истрага почнала кога биле пријавени од неидентификувана женска личност.

„Сакам да им се извинам на играчите, навивачите и на целата заедница на Бостон, но и на моето семејство бидејќи сите ги изневерив. Жалам за се што направив и ја прифаќам одлуката за суспензија. Поради респект кон сите, нема натаму да ја коментирам ситуацијата“, изјави Удока.

Тренерот лани седна на клупата на Бостон и веќе во првата сезона му донесе пласман во финалето од НБА, каде што загуби од Голден Стејт во шест натпревари. Тој не доби отказ, туку само ќе биде суспендиран, а екипата во следната сезона ќе ја води помошникот Џо Мазула.