
Пелистер не го пушта ни Кузманоски, нов договор за левото крило
Левото крило, кое до минатата сезона настапуваше во Пелистер 2, но веќе се истакна и како репрезентативец на Македонија, ќе остане во битолскиот клуб уште најмалку две сезони, по завршувањето на тековнава.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека ракометарот Цветан Кузманоски го продолжи договорот со нашиот клуб до јуни 2025 година. Ова е остварување на уште една зацртана цел на клубот, па веруваме дека довербата во репрезентативен калибар како Кузманоски е важен чекор за растот на клубот. 22-годишниот стружанец ја игра третата сезона во Битола, откако дојде од матичната Струга“, пишува во соопштението.
Кузмановски две сезони беше дел од Пелистер 2, откако дојде од Струга како прв стрелец во Суперлигата.
„Ова е моја трета сезона во Битола. Задоволен сум, се навикнав на оваа средина. Голем напредок во кариерата ми е што се префрлив во првиот тим, стигнав и во репрезентација и се надевам дека оваа сезона ќе ја оствариме нашата цел, да ги донесеме титулите во Битола“, изјави Кузманоски.