Вардар ги откачи Џигаури и Итало, ќе става фокус на талентите од својата школа!
Црвено-црните по многу долг период повторно се фокусираат на младинската школа од која ќе треба да црпат нови таленти, кои во иднина треба да бидат основа на најтрофејниот клуб. Шест младинци од школата добија договори, а прв професионален доби талентираниот Тодор Тодоровски.
Вардар по настапот есенва на три фронта заостанува осум бода во однос на Шкендија во трката за титулата, а обезбеди пласман во четвртфиналето на Купот, каде ќе се соочи во „финалето пред финале“ со главниот конкурент за трофеите – тетовските црвено-црни.
„Џигаури и Итало дефинитивно си одат, а можно е уште некој да си оди, но не повеќе од уште еден-двајца. Во моментов имаме во опција неколку играчи за засилувања, разговараме заедно со Јаневски и Најдоски, како и со Симев и Спасески и мислам дека до 5 јануари треба да донесеме одлука кои два-тројца играчи ќе бидат новите засилувања. Има млади фубалери што ги следиме, има и некои што се во средни години (26-27 години), што и не се многу стари за фудбал затоа што границите се поместени, а секако дека ако има потреба и од поискусен, ќе ангажираме. На крајот на краиштата, најважно е да дојде некој и да одигра како што треба две години, па после и нека си оди“, вели Панчев за плановите за пролетниот дел од сезоната.
Многу шпекулации низ јавноста има во последно време за заминување на фудбалери од Вардар, од кои црвено-црните финансиски би профитирале од трансфери.
„Има поединци кои се 3-4 години во Вардар и кои се чувствуваат презаситено, сакаат нов предизвик. Ние тоа го разбираме и на сите сме им рекле, секој што има понуда, што мисли дека треба некаде да оди, што мисли дека му е доста во Вардар подготвени сме на разговор. Никого на сила нема да го држиме. Има отворени опции, но сега за сега оваа е реалната ситуацја. Ние продолжуваме да работиме на подобрување на квалитетот на екипата. Видовме дека овој квалитет не беше доволен за Европа, затоа мора екипата да биде уште посилна и на нас ни останува тоа да работиме во следниот период“, додава „кобрата“.
Почетокот на ревардаризацијата во клупските структури донесе нови ветришта во македонскиот шампион, затоа што по кој знае колкав период, Вардарци целосно ќе се посветат на младинската школа и од неа ќе црпат таленти и ќе произведуваат играчи за првиот тим. Затоа и шестмина младинци добија нови договори, прв професионален доби и младиот бек Тодоровски, соработката ја продолжи и „деветката“ Дејан Блажевски, а усмен договор има и репрезентативецот Дарко Велковски.
„Се потпиша прв професионален договор со Тодоровски, кој е еден од плејадата млади талентирани играчи заедно со Стојчевски. Продолжен е договорот со Блажевски, а со Велковски се е договорено и треба и тој да потпише. И што е многу значајно за нас како тим имаме потпишано уште шест-седум договори со млади играчи (Јапуп Бериша, Трајчевски, Никола Серафимов, Колевски...), кои и според мене и според сите во клубот се исклучително талентирани и тоа како ќе бидат основата на Вардар во иднина. Ние сериозно сметаме на нив, а нормално дека ќе одат во Анталија на зимските подготовки“, вели спортскиот диектор на црвено-црните Дарко Панчев.
Вардар покрај засилувањето за пролетниот дел, посебно се концентрира на младинската школа, а Панчев вели, дека за шест месеци далеку е подобрена работата со младите таленти и цел на црвено-црните е да бидат како Реал Сосиедад, противникот во Лига Европа.
„Ќе се ориентираме малку да го подобриме квалитетот на младинската школа, мислам дека овие шест месеци го подобривме, се работи поинтензивно, посериозно и сакаме да почнеме да произведуваме играчи од нашата школа по примерот на Реал Сосиедад, кој од 25 професионалци има 14 од својата школа. Има таленти, нормално дека зависи и од самите деца, како работат, како созреваат, но ние ќе направиме се за да извадиме што подобри играчи“, додава Панчев.
Вардар по божиќните празници ќе ги започне зимските подготовки во кои во план е две недели од тие подготвки да се одработат во Анталија, каде преку силни контролни мечеви ќе се бруси формата за атакот кон трофеите во пролетниот дел од сезоната. Вардарци за Анталија треба да заминат во втората половина од јануари, а до заминувањето по лекарските прегледи и тестови, првата фаза ќе ја одработат во своот тренинг-камп.