
Мбапе уште во декември добил бонус за потпис - од Реал Мадрид!
Шпанскиот новинар Томас Гонзалес-Мартин за „Бернабеу диџитал“, вели дека Мбапе бил договорен со „кралевите“ уште минатото лето, кога шпанскиот клуб дури и испрати официјална понуда за неговите услуги.
Уште тогаш Французинот се согласил да премине во редовите на Реал, а добил околу 40 милиони евра како дел од бонусот за потпис.
„Не сум изненаден од она што се случи неделава. Да ме прашавте пред 15 дена ќе ви речев дека Мбапе во Реал е завршена работа. Тој има добиено аванс од 40 милиони евра од неговиот бонус за потпишување на договорот уште во декември минатата година. Преддоговорот бил потпишан лани кога требаше да направи трансфер. Сепак, тој не можеше да и оддолее на неверојатната понуда на ПСЖ од приближно 300 милиони евра во бонуси и околу 90 милиони евра нето плата годишно. На крајот тој потклекна пред парите што покажува дека не бара спортски успех и го предаде Реал Мадрид“, вели Гонзалес-Мартин.
Јасно е дека Мбапе ќе мора да ги врати парите, ако оваа информација е вистинска. Реал Мадрид сега ќе се фокусира на засилување на средниот ред и на листата желби има двајца играчи. Французинот е веќе минато, а клубот не сака да соработува со играчи, кои не знаат да си го одржат зборот.