Бабунски за својата иднина: За пет дена ќе се знае сѐ, а одлуката за сите ќе биде добра!

Македонскиот репрезентативен напаѓач Доријан Бабунски објави дека во следните пет дена ќе се знае сѐ околу неговата иднина, дали ќе остане во Ботев Враца или ќе направи трансфер зимава, откако со неговата експлозија есеноска го сврте вниманието на многу клубови, како од Бугарија, така и од странство.

Бабунски е втор стрелец во бугарската ЕФБЕТ-лига, па скоро сите гиганти кај источниот сосед се заинтересирани да го земат, ама и низа клубови од странство, а медиумите од Бугарија веќе објавија дека има три конкретни понуди од западноевропски клубови и две од Бугарија. Ботев Враца, пак, бара 100.000 евра за да го ослободи, а македонскиот напаѓач има договор со овој клуб до крајот на сезоната.

„Јас сѐ уште сум фудбалер на Ботев Враца, но има интерес од други клубови од Европа и од Бугарија и ќе видиме во следните пет дена што ќе се случи. Но, мислам дека ќе бидат добри вести за сите. Ако продолжам да играм за Ботев Враца, ќе добивам повеќе повици за националниот тим, но секој фудбалер кој е амбициозен сака да игра во подобро првенство. Како и да е, што и да одлучам, мислам дека ќе биде добро и за мене и за македонската репрезентација и за Ботев“, вели Бабунски.

Тој потенцира дека му се допаѓа животот во Враца и верува дека на крајот овој клуб ќе остане во бугарската елита.

„Желба ми е Ботев Враца да има успех годинава, мислам дека покажавме добри мечеви во првиот дел од сезоната и Ботев може да остане во елитата, за што да не биде и повисоко на табелата. Мене Враца ми се допаѓа, не само како тим, туку и градот, луѓето... Ја чувствувам поддршката и тоа е најважно за еден фудбалер, а секако многу е потешко за еден напаѓач да даде многу голови кога игра за помал клуб, да бидеме реални, но сите соиграчи ми помогнаа и сите голови се исто така нивна заглуга. Плус благодарен сум на Ботев, зашто преку овој клуб добив повик за репрезентацијата што е круна на кариера на секој фудбалер“, додаде Бабунски.