Одбојкарите ќе имаат шанса во Скопје да се борат за злато во Европската лига

Македонските одбојкари ќе играат на домашен терен на завршниот турнир во Европската сребрена лига годинава, откако Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) одговори позитивно на апликацијата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) за организација на овој престижен настан.

Наместо на крајот на јуни, завршниот турнир ќе биде одржан во првиот викенд истиот месец, на 5 и на 6 јуни, а претходно, од 21-23 и од 28-30 мај се закажани двата турнира во групната фаза. Од порано се знаеше дека Македонија ќе биде организатор и на еден од турнирите во групната фаза, а на вториот ќе биде Данска. Покрај Данците, противници во нашата група А, ни се уште и Израел и Кипар.

Хрватска, Австрија, Унгарија и Луксембург ќе ги одмерат силите во групата „Б“, па како и досега, најдобрите две селекции од двете групи ќе се пласираат на завршниот турнир.Во 2018, кога ОФМ првпат организираше завршен турнир во Европската сребрена лига, црвено-жолтиот национален состав беше четвртопласиран, а сега ќе има уште една можност да ја реазлизира долгогодишната цел, со што со полна самодоверба би го дочекал Европското првенство 2021.

Покрај тоа четврто место, Македонија уште трипати играше на завршните турнири во Европската лига и трипати освојуваше сребрени медали во 2015, 2016 и  во 2017.