Алушовски призна: Сакам да го видам Талески во Вардар!

Во гостувањето на „подкастот“ на колегата Жика Богдановиќ, на порталот „Балкан-хендбол“, Стевче Алушовски зборуваше за македонскиот ракомет и за состојбите во Вардар. Интересен момент беше кога тренерот на Вардар го кажа своето мислење за кариерите на Филип Талески и на Филип Кузмановски.

Алушовски јавно кажа дека голема желба му е да го доведе Талески во Вардар пред почетокот на новата сезона. Тоа би било потенцирање на плановите на новиот Вардар, со стар сопственик во Михајло Михајловски, за составување на еден мешан тим, со македонски репрезентативци и квалитетни странци.

Алушовски отворено зборуваше дека и Талески и Кузмановски се во години кога подобро би поминале во некој од трите големи македонски клуба, Вардар, Е. Пелистер и Металург, отколку во некој бундеслигаш.

„Мислам дека Талески не доби вистинска прилика кога замина во Рајн-Некар, шампион на Германија во тоа време. Кузмановски исто во Магдебург...беа преголем залак за нив. Мислам дека требаше да одберат некои помали клубови, каде што тие би биле носители на играта. Според мене, прерано заминаа надвор од Македонија и едниот и другиот. Мислам дека треба да размислуваат да играат и во Е. Пелистер и во Металург и во Вардар, бидејќи тоа се клубови кои се пандани на бундеслигашите. И финансиската страна е добра, не е тоа некоја разлика. Јас сакам да го вратиме Талески во Македонија, еве јавно кажувам, тој има отворена понуда уште од јуни да биде дел од Вардар. Зошто и како тој се гледа себеси во Германија, јас не можам да разберам. Ова е Македонија, ти си Македонец, да живееш и да работиш во својата земја, мислам дека нема подобро од тоа. Меѓутоа, нивната визија за ракометот е тоа, за мене непоимливо, но тоа е нивна одлука и треба да се почитува“, го кажа Алушовски своето размислување.

Талески Отиде во Рајн-Некар во 2017 година, на свои 21, меѓутоа не доби голема шанса. Остана таму до летото 2019, а потоа продолжи во Балинген. Сепак и овде разделбата стана неминовна, помогната пред сè од коронавирусот кој го парализира спортот. Претходно, Талески почна да игра ракомет во Металург и се истакна со многу блесакви партии во Лигата на шампионите.