Дибиров: Вардар го чекаат тешки времиња - пари нема!
Дибиров вели дека добро им дошла паузата по тешката полусезона, па се надеваат дека нешто може да се поправи во пролетниот дел.
„Имавме многу тешка полусезона. Цела година имавме проблеми во Вардар, но и покрај тоа го освоивме трофејот во Лигата на шампиони. Сепак, вакви тешки времиња во Скопје одамна немало, па сите се прашувавме што е проблемот. Стојанче Стоилов беше долго време повреден, а потоа се појавија повредите и на Атман, Горбок, Калараш, Горпишин... Исто така, влијание имаше и промената на тренерот. Едвај ја чекавме оваа пауза во која ќе се обидеме да поправиме нешто за да имаме подобри резултати на пролет“, вели Дибиров.
„Црно-црвените“ имаат и финансиски проблеми, за кои се ветуваше дека нема да ги има сезонава, но Диибиров смета дека ситуацијата е полоша од претходно.
„Иако многумина мислат дека има подобрувања на финансиската ситуација, сепак јас би кажал дека тоа не е точно. Мислам дека ќе се соочи екипата на пролет со сериозни финансиски проблеми, со оглед на тоа дека завршуваат договорите на многу ракометари“, објаснува Русинот.