Кавадарци останува неосвоено: Еуро Никел подобар и од шампионот!

Кошаркарите на Еуро Никел продолжуваат со серијата добри игри на домашен терен и победите во дуелите со најдобрите во лигата, па по неодамнешниот триумф над Работнички вечерва успеаја да слават и во пресметката со МЗТ Скопје (92-78).

Клучен за триумфот на кавадарчани беше вториот период (32-16), во кој направија серија од 25-7 со која за кратко време не само што направија резултатски пресврт туку и дојдоа до двоцифрена позитива (50-36). Претходно, гостите подобро го отворија мечот и имаа плус шест во финишот од првата четвртина (24-18), но потоа нагло застанаа и му дозволија на противникот да дојде до убедливо водство кое умешно го задржа до крајот.

Најзаслужни за четвртиот по ред успех на Еуро Никел во кавадарци беа Ѓорѓе Каплановиќ со 27 и Александер Марзет со 26 поени, додека двоцифрен поентерски ефект имаше и Никола Караколев со 12 поени. Кај гостите од Аеродром најпрецизни беа Бојан Крстевски со 18 и Џабари Хиндс со 15 поени.

Во вчерашните три дуели, Куманово како гостин го изненади Гостивар (85-72), Работнички исто така како гостин го прегази Вардар (103-55) додека Кожув беше подобар од Академија ФМП (87-78). Осмата рунда финишира в среда кога МЗТ Скопје УНИ Банка ќе го пречека Пелистер.

ТАБЕЛА: Кожув 6-2, Гостивар 6-2, МЗТ Скопје 6-2, Еуро Никел 6-2, Работнички 5-3, Куманово 5-3, Академија ФМП 2-6, Пелистер 2-5 (-1), Вардар 1-7, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-7 (-1).