Хамилтон: Во Ф1 не дојдов поради парите

Старо-новиот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес сезонава ја одбрани круната и стана вториот најтрофеен возач со шест титули, една зад легендарниот Михаел Шумахер, па посочи дека во „октанскиот циркус“ не влегол за да заработи, додаваќи и дека засега не планира да се повлече.

Хамилтон во изминативе години доминира на трките во Формула 1, досега има 83 победи, само осум зад Шумахер и веќе во следната година има шанса да го достигне или урне рекордот на „летечкиот германец“.

„Не влегов во Ф1 поради пари. Нормално дека сјајно е што приходите се зголемуваат, тоа е бонус, ама суштината на сè е дека сакам да се тркам. Сакам предизвици, сакам борба. Знам дека има многу млади и талентирани возачи, кои сакаат да ме победат, да ме надмудрат и тоа возбудување е над сè. За секој спортист најтажен момент е кога треба да прекине со нешто што го сака, но јас имам и други работи на кои сакам да им се посветам. Работам со моден бисниз кој навистина оди добро, но не знам колку ќе трае. Има уште многу работи кои ме интересираат и знам дека животот нема да престане кога ќе се повлечам од Ф1. Но, засега се чувствувам добро и сакам уште да возам, сè додека можам“, вели Хамилтон.