Не е нормално колку заработува: Меси има двојно поголема плата од Роналдо!

Најдобриот фудбалер на Барселона, Лионел Меси, петкратен освојувач на „златната топка“ има неверојатна бруто месечна плата, со која е убедливо најплатениот фудбалер на светот, а ни до колена не му е неговиот најголем ривал Кристијано Роналдо.

Меси со новиот договор во Барселона, каде ја мина целата своја досегашна кариера, откако дојде како дете во „Ла Масија“, сега има 8,3 милиони евра бруто месечна плата, што е речиси 100 милиони евра годишно. Меси со новиот договор доби неверојатна заработувачка, која беше „каменот за сопнување“ помеѓу Кристијано Роналдо и Реал Мадрид, кој лани не сакаше ни приближно да му ја зголеми платата на најдобриот португалски фудбалер.

Роналдо летоска замина во Јувентус за 117 милиони евра и 30-на милиони евра плата. Португалецот сега има речиси двојно помала плата од Меси кога ќе се земат бруто примањата. Така месечно, португалскиот ас заработува 4,7 милиони евра, што значи дека во моментов Меси вреди колку двајца Роналдовци според клупските примања.

Зад овие двајца е Ентоан Гризман од Атлетико Мадрид со 3,3 милиони евра бруто, па Нејмар во ПСЖ со 3,06 милиони евра и Луис Суарез во Барселона со 2,9 милиони евра. Во „топ 10“ уште се и Герет Бејл од Реал Мадрид со 2,5 милиони, Фелипе Кутињо во Барса со 2,3 милиони, Алексис Санчез во Манчестер јунајтед со 2,26 милиони, Килијан Мбапе од ПСЖ со 1,73 милиони и Месут Озил од Арсенал со 1,6 милиони евра бруто плата.