„Во шок сме, обвинетиот за допинг е докажан спортист и пример за младите“!
Челниците на битолскиот суперлигаш, кој во моментов дава најголем број репрезентативци, се во шок од веста која вчера дојде од Антидопинг комисијата при Агенцијата за млади и спорт (АМС), најмногу поради фактот што обвинет за користење недозволени средства е ракометар кој, според нив, бил докажан спортист и пример за младите.
Соопштението на Еурофарм Работник ви го пренесуваме во целост.
„Во однос на написите кои се појавија во текот вчерашниот ден, а се однесуваат за откриена недозволена супстанца кај еден од нашите играчи при извршена допинг контрола, ја известуваме спортската и останатата јавност дека ги презедовме сите соодветни мерки и постапки согласно правилата за постапување при ваков настан. Исто така, сакаме да потенцираме дека како клуб ги имаме преземено сите мерки за едукација на нашите играчи и превенирање на несакани настани од таков вид. Посветуваме големо и многу професионално внимание на оваа проблематика. Во овој момент управата на РК Еурофарм Работник ја почитува презумцијата на невиност на нашиот играч и тоа така ќе остане сè до донесување на крајната одлука на надлежните органи по што ќе следи нашата конечна одлука. За сите нас овој настан е огромен шок особено што се работи за докажан спортист и човек кој со своето однесување е пример за сите помлади играчи. Се надеваме дека нашиот играч ќе ја докаже својата невиност. РК Еурофарм Работник како и секогаш ќе ги почитува одлуките на надлежните органи“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.
Неофицијално, сомнежот е кај ракометарите на овој тим, Горан Кузмановски и Милан Ѓукиќ кои заедно со Горан Печенковски и Мирко Мајиќ од Бутел биле одбрани по средбата да бидат подложени на допинг-тест.