Ножеви, палки и факели на „Велодром“: Навивачите на Марсеј и Левски во страшна тепачка (ВИДЕО)
Десетина минути пред почетокот на средбата, поголема група домашни навивачи го напуштила својот сектор и се упатила кон делот од трибината каде што биле сместени приврзаниците на бугарскиот клуб. Во секторот за гостите имало околу 500 навивачи на Левски, а настанал хаос во кој двете групи разменувале удари и фрлале предмети и факели.
Според извештаите на француските медиуми, безбедносните служби успеале да ја стават ситуацијата под контрола пред почетокот на натпреварот, па средбата сепак започнала според планираниот распоред. Но, тензиите не завршиле тука. Дополнителни инциденти биле забележани и за време на паузата меѓу двете полувремиња. Во бугарските извештаи се споменуваат и повредени приврзаници, но точниот број и сериозноста на повредите засега не се утврдени од независни извори.
Тренерот на Левски, Хулио Веласкез, по натпреварот не го криеше разочарувањето од случувањата на стадионот.
„Ова е многу тажен инцидент. Вакви работи се неприфатливи за фудбалот. Ги поддржувам навивачите кои беа вовлечени во ова и се надевам дека ништо сериозно не им се случило“, изјави шпанскиот стратег.
Реакција пристигна и од Марсеј. Францускиот клуб соопшти дека работи на утврдување на точните околности и дека безбедносните служби успеале да ја вратат контролата на трибините. Тренерот Бруно Женезио, исто така, ги осуди случувањата, оценувајќи дека насилството нема место во фудбалот.
На теренот, Марсеј ја искористи предноста на домашниот терен и победи со 1-0, со голот на Амин Гуири од пенал во 28. минута. Но, резултатот остана во втор план поради сцените што ја одбележаа вечерта на „Велодром“.