Македонија конечно комплетна: Димитријевиќ и Рајт пристигнаа, Берокал ги има сите адути за Кипар

Македонската кошаркарска репрезентација ги комплетираше подготовките за претстојниот дуел со Кипар, откако на националниот тим му се приклучија и двајцата најзвучни играчи – Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.

Нивното пристигнување е од особено значење за селекторот Жозеп Марија Берокал, кој конечно ги има на располагање сите расположливи кошаркари во пресрет на важниот натпревар од вториот круг на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Димитријевиќ повторно ќе биде еден од главните организатори на македонската игра, додека од Мозес Рајт се очекува да донесе дополнителна цврстина и квалитет под кошевите. Американскиот центар со македонски пасош пристигнува во одлична форма, откако во дресот на Олимпија Милано блесна против Асвел со 29 поени и осум скока. Македонија во овој циклус веќе направи важен чекор со победата над Австрија на гостински терен, па сега пред домашната публика ќе има можност да го потврди добриот старт и да стигне до втор триумф во групата Ф.

Противник на избраниците на Берокал ќе биде селекцијата на Кипар, а натпреварот е закажан за утре, 26 ноември, со почеток од 18 часот, во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.