Победа над Ла Риоха го носи Пелистер во плејофот, можеби и реми ќе биде доволно

Екипата на Пелистер ја заврши домашната задача и сега има реална шанса да продолжи во елиминациската фаза на ЕХФ Европската лига. По вчерашната убедлива победа над полски Вибжеже (34-27), битолчани во последното коло ќе гостуваат кај шпанска Ла Риоха, а исходот од тој натпревар ќе биде решавачки за нивната европска судбина.

Ситуацијата во групата Г е исклучително интересна. По пет одиграни кола, Гумерзбах и Вибжеже имаат по шест бода, Пелистер е трет со пет, додека Ла Риоха е последна со три бода. Во последното коло ќе се решаваат патниците во плејофот, а македонскиот претставник има неколку можни патишта до посакуваната цел.

Најлесната математика за битолчани е победа во Шпанија. Со евентуален триумф, Пелистер ќе стигне до седум бода и сигурно ќе обезбеди место меѓу првите две екипи во групата. Во тој случај, резултатот од вториот натпревар меѓу Вибжеже и Гумерзбах нема да има никакво влијание врз пласманот на македонскиот тим. Дури и со реми во Полска, битолскиот тим ќе помине понатаму бидејќи три екипи би имале идентичен број бодови (по 7), но Пелистер ќе го освои првото место затоа што во кругот ќе биде најдобар, со пет бода (победа и нерешено со Вибжеже и победа на Гумерсбах). 

 

Standings provided by Sofascore

 

Сепак, постои и можност Пелистер да помине понатаму со нерешен резултат во Шпанија. За тоа сценарио да се оствари, потребно е Гумерзбах да слави на гостувањето во Полска. Германците со таков исход би стигнале до осум бода, додека Пелистер и Вибжеже би останале на по шест. Битолчани имаат подобар меѓусебен биланс од полскиот состав и во таква ситуација би го освоиле второто место.

Доколку, пак, Вибжеже го победи Гумерзбах, ремито во Шпанија нема да му биде доволно на Пелистер. Полјаците би стигнале до осум бода, Германците би останале на шест, а предноста во меѓусебните дуели би била на страната на Гумерсбах.

Најнепосакуваното сценарио е пораз во Шпанија. Во таков случај, Пелистер ќе биде и последен во групата бидејќи Ла Риоха би го израмнила бодовното салдо со него, но би имала предност поради победата во Битола од 31-24. Тоа би значело елиминација за македонскиот претставник, без оглед на исходот од дуелот во Полска. Позитивно за Пелистер е тоа што Ла Риоха е веќе отпишана и нема шанси да заврши на едно од првите две места на табелата.

Двата натпревара од последното коло се играат на 1 декември од 18:45 часот, па Пелистер ќе мора истовремено да ја следи и битката во Полска.