„Ракометарите не се животни - ниту едно тело не може да го издржи овој ритам!“

Ракометарите на Пелистер утревечер ги очекува исклучително важен натпревар на домашен терен против полскиот состав Вибжеже Гдањск во рамките на Европската лига на ЕХФ.

Битолчани, кои досега имаат освоено три бода, се под императив да слават на оваа средба доколку сакаат да останат во реална трка за пласман во елиминациската фаза. Сепак, во пресрет на европскиот испит, главна тема во таборот на македонскиот претставник е нехуманиот и пренатрупан распоред. Пелистер минатиот вторник играше со Гумерсбах, во четвртокот гостуваше во Автокоманда, утре го пречекува Гдањск, в сабота го чека домашна пресметка со Охрид, а веќе следниот вторник патува во Шпанија на можеби клучниот дуел против Ла Риоха.

Тренерот Лино Червар отворено го изрази своето незадоволство од ваквиот ритам на натпревари, апелирајќи во иднина да се интервенира во домашниот календар во интерес на македонскиот ракомет.

„Ниту едно тело за кратко време не може да се одмори кога играте три дерби-средби. Тоа никогаш повеќе не смее да се случи и мора да се интервенира во распоредот, да се одложи меч од првенството, бидејќи тоа е добро за македонскиот ракомет, за играчите да се претстават најдобро што можат. Играчите не се животни, се уморуваат – ако немаат време за рекуперација, тогаш не можат да го дадат својот максимум. Ниту едно тело не може да го издржи ова. Но, тоа е што е, мора да размислуваме за Гдањск и за тоа како да победиме“, порача Червар.

Натпреварот меѓу Пелистер и Вибжеже Гдањск се игра во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток во 18:45 часот.