Луди квалификации во Лас Вегас: Антонели најбрз, ама Макс ќе стартува прв – Ферари ужасен!
Поради тоа, од пол-позицијата ќе тргне Макс Ферстапен од Ред Бул, додека од првиот стартен ред ќе се најде и Џорџ Расел во вториот болид на Мерцедес. Антонели до најдоброто време од 1:33,893 минути стигна благодарение на одличното користење на воздушното струење зад болидот пред себе. Италијанецот беше за 0,258 секунди побрз од Ферстапен, но поради користење на поголем број компоненти од погонската единица од дозволеното, заработи поместување за пет позиции наназад. Така, Холанѓанецот ќе стартува прв, а веднаш до него ќе биде Расел, кој заостана само 0,073 секунди зад Макс.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, го оствари четвртото време, но поради казната за Антонели ќе стартува како трет, пред Исак Хаџар од Ред Бул. Казна заработи и Оскар Пјастри (Мекларен), кој заврши на седмото место, но ќе биде поместен за десет позиции наназад, исто така поради пречекорување на дозволениот број компоненти на погонската единица. Од казните профитираше и дебитантот Арвид Линдблад од Рејсинг Булс, кој квалификациите ги заврши на шестата позиција. Од седмото место ќе стартува Лијам Лосон (Рејсинг Булс), осми ќе биде Пјер Гасли (Алпин), а деветти неговиот тимски колега Франко Колапинто.
Големо разочарување во Лас Вегас доживеа тимот на Ферари, чии возачи не успеаја да се пласираат во завршниот дел од квалификациите. Шарл Леклер заврши на 11. место, со само 0,056 секунди подобро време од Луис Хамилтон, иако двајцата ќе напредуваат за по една позиција поради казната на Пјастри.
„Многу лоши квалификации. Губиме една секунда на правците, што веќе доволно ни ја отежнува ситуацијата, а потоа направив грешка кога требаше да извозам добар круг. Тоа следуваше по неколку грешки кои ги направивме како тим и мораме да ги анализираме“, изјави Леклер.
Уште поостар беше Хамилтон, кој својот настап го опиша како „кошмар“, посочувајќи дека имал сериозни проблеми со триењето на гумите, оштетување на подот на болидот и системот за испорака на силата, поради што губел речиси една секунда по круг.
Трката за Големата награда на Лас Вегас се вози в недела со почеток од 5 часот по македонско време.