Прва победа на Александар Петровиќ како тренер на Скопје
Домаќините не го отворија најдобро натпреварот и по првата четвртина имаа негатива од 25-27. Во продолжението успеаја да ја преземат иницијативата и да стигнат до девет поени предност (49-40), но Тиквеш одговори со серија од 7-0 и на паузата се доближи на само два поени (49-47).
Колин Паркер беше најрасположен кај Скопје во првото полувреме со 16 поени, додека кај гостите Волф и Смит имаа по 11, а Сукс и Глигоријевиќ по 10 поени. Вистинската резултатска промена се случи по одморот. Тиквеш направи пресврт и поведе со 54-51, но избраниците на Петровиќ експресно возвратија. Со серија од 12-2, предводена и од шесте поени на Марко Миловановиќ, Скопје повторно ја презеде предноста (63-56). Домашниот состав продолжи во силно темпо, постигна дури 33 поени во третата четвртина и во последниот период влезе со водство од 82-71. Предноста набрзо порасна и на 13 поени (87-74), но Тиквеш не се предаде.
Гостите постепено ја топеа негативата и преку Делев успеаја да направат целосен пресврт, поведувајќи со 94-93 на нешто повеќе од една минута до крајот. Сепак, Скопје имаше одговор во најважните моменти. Младеновиќ погоди за 95-94, а потоа Паркер ги реализираше двете слободни фрлања по загубената топка на Сукс, поставувајќи ги конечните 97-94.
Паркер беше најзаслужен за победата со 24 поени, 12 скока и четири асистенции. Џонс запиша 21 поен, седум скока и пет асистенции, Џексон додаде 13, а Миловановиќ 11 поени. Кај Тиквеш најефикасен беше Волф со 27 поени. Смит заврши со 23 поени, шест асистенции и пет скока, Сукс имаше 19 поени и 11 скока, а Глигоријевиќ запиша 15 поени и 10 скока.