Драконски казни за „тепачите“ од Прилеп - сезоната за нив е веќе завршена!

Првостепената дисциплинска комисија при Ракометната федерација на Македонија (РФМ) изрече шестмесечни суспензии за ракометарот на Прилеп, Бојан Наскоски, и за тренерот Рубин Богојески, како епилог од инцидентот што се случи на кадетскиот натпревар меѓу екипите на Прилеп и Алкалоид (види ТУКА).

По деталното разгледување на официјалниот записник од средбата, доставената видео-снимка и дополнителните изјави од официјалните лица, комисијата донесе одлука на Наскоски да му изрече забрана за настап во ракометниот спорт во времетраење од шест месеци. Идентична временска казна заработи и тренерот Богојески, на кого му е изречена забрана за вршење на сите функции во ракометниот спорт во наредните шест месеци.

Инцидентот се случи по последниот звук на сирената, кога ситуацијата на паркетот целосно излезе од контрола, при што дел од домашните ракометари и стручниот штаб тргнаа во пресметка со делителите на правдата, а во хаосот најлошо мина судијата Давид Марковски, кој беше физички нападнат. Наскоски на центарот од игралиштето влезе во конфликт и го турна судијата, за што веднаш доби директен црвен картон. Скандалот кулминира кога во метежот се вклучил и тренерот на домашната екипа, Рубин Богојески, кој се гледа како го удра по рака судијата Марковски.

Двете страни имаат право да поднесат жалба до второстепениот орган на федерацијата во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.