Мато: Уживав во Македонија - животот во Вардар и Брера ми беше како на филм!
Репрезентативецот на Уганда во периодот од 2024 до 2026 година остави силен белег на македонските терени. Со учинок од 22 гола и 10 асистенции на 59 првенствени натпревари, тој најпрво се афирмираше во Струмица, а потоа во дресот на Вардар прерасна во еден од најопасните играчи во лигата. Во ексклузивно интервју за „РГ“, Мато не штедеше пофални зборови за времето поминато кај нас.
„Мојот живот во Македонија беше вистински филм, полн со радост – од Брера, па во Вардар, од Струмица во Скопје. Апсолутно уживав. Брера немаше многу навивачи, но навистина ме сакаа на стадионот ‘Горан Пандев’. Чувствував љубов таму и тоа ме тераше да работам уште понапорно за да им возвратам. Поминав одлично време и во Скопје. Одиграв многу натпревари, постигнував голови и навистина го засакав градот. Сè уште сум во контакт со тренерите, управите и агентите од таму“, изјави Мато.
Одличните партии во Македонија му донесоа трансфер во Хартс – најпрво на позајмица во јануари, а летово потпиша и тригодишен договор со шкотскиот клуб до 2029 година. По тешкиот почеток во Единбург, каде во втората полусезона лани одигра само 13 минути, сезонава веќе има 11 настапи (464 минути). Интересно е што тренерот Ваутер Вранкен во последните недели го користеше дури и како лев и десен бек, на што Мато порача: „Мора да се адаптираш на секој тренер. Ако не се адаптираш, готов си како фудбалер.“
Зад неговиот успех стои и инспиративна животна приказна. Како тинејџер во втората турска лига бил блиску до одлука да се откаже од фудбалот, но не се предал – а како најголема награда во кариерата ја издвојува можноста да ѝ купи куќа на својата мајка во Уганда, за конечно да не мора да плаќа кирија.
„Сон на секого е да ја види својата мајка среќна. Животот во Африка е многу тежок, тешко се наоѓа работа, но работев напорно за да им обезбедам куќа. Тоа беше многу емотивен момент за неа и за целото семејство“, додаде Мато, кој и покрај актуелната повреда, сонува со Хартс да ја прекине трофејната суша која трае од 2012 година, а еден ден да заигра и во Премиерлигата и Лигата на шампионите.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.